„Без личности кои творат и создаваат, кои самостојно мислат и судат, не може да се замисли повисок развој на општеството како и развој на личноста….Најважната вештина на еден учител е да ја буди радоста за творење и сознавање“ (Ајнштајн).
Најважниот и најстариот принцип во историјата на педагогијата е принципот на активност (на вежбање). Тоа е најстариот принцип на поучување. Овој принцип е запишан и во „Илијада„ и „Одисеја“ под името ‘melete to pan” (сè е вежбање).
Педагошки принцип познат кај сите народи и во сите јазици. Римјаните го формулирале како “reepetitio est mater studiorum” (повторувањето е мајка на учењето), а Германците како “übung macht Meister” (вежбањето го создава мајсторот). Но можеби најдобро и најдлабоко го разбрале старите кинески педагози кога констатирале: она што ќе го слушнам – бргу го заборавам, она што го гледам – го помнам, но она што сам ќе го направам- добро го знам.
Но, Giovanni Battista Vico отишол толку далеку што на овој принцип втемелил цела епистемологија кога истакнал дека човекот може да го разбере само она што сам го создал или технички направил (сопствените дела).
Токму овој темелен праксиолошки принцип ги предизвикува специфичните формулации и максими кои ќе се појават: non schole, sed vitae discimus (не учиме заради училиштето, тука заради животот).