ПРЕДСМРТНОТО ПИСМО НА УМБЕРТО ЕКО ДО НЕГОВИОТ ВНУК „МИЛ МОЈ ВНУЧКО ПОЗНАВАЈ СИ ГО МИНАТОТО ЗА ДА ЈА РАЗБЕРЕШ СЕГАШНОСТА И ПЛАНИРАШ ИДНИНАТА“

Умберто Еко (1932-2016) е книжевник, филозоф, историчар на средниот век, историчар на книжевноста, лингвист и семиолог. Докторирал филозофија во 1954 година и работел како професор по семиотика на Болоњскиот универзитет. Предавал на универзитети во Европа и Америка. Автор е на „Името на розата“ (продадена во повеќе од педесет милиони примероци ширум светот и преведена на над четириесет јазици, добитник на највисокото книжевно признание во Италија, и е прогласена за една од стоте најдобри книги на дваесеттиот век). Умира на 19 февруари во 2016 година. Пред крајот на својот живот му напишал писмо на својот внук, со кое всушност им се обраќа на сите млади луѓе.

Ако не го вежбаш мозокот ќе станеш идиот, ако го вежбаш секој ден, ќе можеш да живееш илјадници животи“.

Umberto-Eko

Драг мој внучко,

Би сакал да ти дадам еден совет кој би можел да го искористиш во моментот додека го користиш твојот компјутер и таблет. Јас нема да те советувам да не ги користиш – не поради стравот од тоа дека можеш да си помислиш дека сум глупав старец, туку затоа што и јас имам компјутер и таблет. Можам само да те посоветувам да не поминуваш премногу време на стотици порнографски сајтови кои покажуваат сексуални игри меѓу две човечки суштества или меѓу луѓе и животни. Не верувам дека сексуалните односи се ограничени само на овие прилично монотони дејства.

Овие сцени се дизајнирани за да те остават дома, затворен, наместо да излегуваш и да ги запознаеш вистинските девојки. (Претпоставувам дека си хетеросексуалец). Подобро погледни ги девојките во училиштето или кога играте надвор. Верувај ми, имам некое искуство (ако ги гледав компјутерските игри, татко ти немаше да се роди, а ти не би  бил денес тука).

Но, не сакав за ова да разговараме, туку за болеста која ја порази твојата и претходната генерација,  а кои во моментот студираат на универзитетите. Мислам на губењето на меморијата.

Точно е дека ако сакаш да научиш кој е Карло Велики или каде се наоѓа Куала Лумпур, можеш да го направиш тоа само со едно притискање на копчето на тастатурата, благодарение на интернет. Прави го тоа така, кога е потребно, но обидувај се  да го запомниш она што си го научил, за да не го бараш повторно кога овие знаења ќе ти требаат, на пример за некој проект во училиште.

Лошото е тоа што кога знаеш дека твојот компјутер веднаш ќе може да одговори на некои од твоите прашања, ја губиш желбата да се сетиш на некоја информација. Тоа е исто кога ќе научиш дека можеш да стигнеш донекаде со автобус или со метро – големо олеснување и погодност кога брзаш – и да одлучиш дека повеќе нема потреба да одиш пеш. Но, ако престанеш да го правиш тоа, наскоро ќе треба да патуваш со инвалидска количка. Да, знам дека си спортист и способен да управуваш со твоето тело, но да се вратиме на твојот, на Вашиот мозок.

Меморијата потсетува на мускулите на нозете. Ако престанеш да ја вежбаш, таа наскоро ќе се влоши и ќе се соочиш со реалноста – ќе се претвориш во идиот. Освен тоа сите сме изложени на ризикот на стари години да се разболиме од Алцхајмерова болест. Еден од начините да се избегне е постојано да ја вежбаме нашата меморија.

Еве го мојот рецепт. Секое утро учи по една песна, исто онака како кога бевме деца. Ако поезијата не ти се допаѓа, обиди се да ги запомниш составите на омилените фудбалски тимови, како и нивните играчи од минатото. Замисли, уште се сеќавам на имињата на фудбалерите на Торино, кои загинаа во авионската несреќа на ридот Суперга во 1949 г .: Бачигалупо, Баларин, Марозо итн. Натпреварувајте се кој подобро ќе ја запамети содржината на прочитаните книги. Провери дали твоите пријатели ги паметат имињата на слугите на тројцата мускетари … А ако не ти се читаат „Тројцата мускетари” (немаш претстава колку ќе изгубиш!), пробај нешто слично со некоја друга книга.

Ова може да ти изгледа како игра, и тоа навистина е така, но ќе видиш како твојата глава ќе се наполни со ликови, приказни и најразлични сеќавања. Можеби некогаш како генерација ќе прашате зошто компјутерот е наречен електронски мозок. Причината е во тоа што тој е замислен според моделот на твојот (нашиот) мозок. Но, нашиот мозок има повеќе врски отколку во компјутерот. Мозокот е твојот персонален компјутер кој секогаш е со тебе и неговите можности се зголемуваат со помош на вежби. И лаптопот на твојата работна маса ќе стане побавен со текот на времето, а за неколку години ќе треба да го промениш. Но, твојот мозок, ќе може да ти служи и кога ќе имаш 90 години. Сепак, се додека редовно го вежбаш, ќе се сеќаваш на многу повеќе работи отколку што се сеќаваш сега. И тој е потполно бесплатен.

Постои нешто кое се нарекува историско сеќавање кое не е поврзано со фактите од твојот и вашиот живот или она што го читате секојдневно. Меморијата ги чува настаните што се случиле пред твоето раѓање.

Денес, ако одите во кино, морате да го гледате филмот од почеток. Во мое време, во секое време можев да влезам во салата, дури и на средината на филмот. Потоа морав да разберам што се случило пред да почнам да го  гледам.

Животот е како да гледаш филм на свој начин. Вие сте родени во некоја точка пред да се појават многу настани за стотици илјади години. Важно е да знаете што се случило пред вашето раѓање. Ова е неопходно за да се разбере зошто денес се случуваат многу други настани.

Училиштето треба да те научи да се сеќаваш што се случило пред да дојдеш на овој свет, но тоа не ти го дава. Истражувањата покажуваат дека денес младите, дури и учениците кои се родени во 1990 година, не знаат, а можеби и не сакаат да знаат што се случило во 1980 година, да не зборуваме за тоа што се случило пред 50 години.

Но, да го оставиме училиштето. Денешниот млад човек не ги познава филмските актери од пред дваесет години. Јас знаев за Франческа Бертини и филмот без говор дваесет години пред моето раѓање. Можеби причината е што ги прегледував старите списанија во подрумот на нашата куќа. И ви предлагам одвреме-навреме да го правите тоа, бидејќи ви помага да разберете што се случило пред да се родите.

Но, зошто е толку важно да се познаваат настаните од далечното минато? Зашто често ова знаење помага да се разбере текот на тековните настани. Покрај тоа, во секој случај, исто како да се сеќавате на фудбалските тимови, помага да се збогати вашата меморија.

Имајте на ум дека можете да ја збогатите вашата меморија не само со помош на книги и списанија, туку и со помош на интернет. Тоа може да послужи не само за пријателите, туку и за проучувањето на светската историја…Кои се трите бродови на Колумбо? Кога диносаурусите умираат? Дали ковчегот на Ное имал кормило? Од кое животно потекнува бикот? Дали имало повеќе тигри некогаш или денес? Што знаеме за Mаите? Кој е човекот што ги открил и што ни кажа за нив? Кој беше вториот папа во историјата? Кога и зошто беше создаден Мики Маус?

Можам да поставувам бесконечно вакви прашања и тие би биле одлични теми за учење. Сето ова мора да се запомни. Ќе помине време, ќе остариш, но ќе чувствуваш дека си имал искуства на илјади животи, дека си учествувал во битката кај Ватерло, си присуствувал при убиството на Јулиј Цезар, си бил на местото каде монахот и алхемичар  Бертолд Шварц со мешање на различни материи во обид да добие злато, случајно го измислил барутот и експлозијата… А твоите пријатели кои не се стремат да ја збогатат својата меморија, ќе доживеат еден единствен живот – свој, монотон и лишен од емоции.

Значи, збогати ја својата меморија. Утре научи нешто напамет!