„Само оние кои растат а притоа остануваат и деца се луѓе“.
Ерих Кестнер (1899-1974) дипломиран учител на учителската школа во Дрезден и доктор по филозофија. Работел како уредник во рубриката за култура , го уредувал списанието за деца „Пингвин“, работел и во театар и во радио. Објавува песни, колумни, критики во најголемите германски списанија. Во 1928 г., ја објавува својата најпозната книга за деца „Емил и детективите“, преведена на 59 светски јазици. Познат е и по делата како „Двојната Лота“ и „Земја дембелија“ и други. Во 1960 г., ја добива наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ и престижната американска награда „Луис Керол“.
Нацистите ги запалиле неговите книги, Хајнрих Хајне ќе рече „Онаму каде што се палат книги, на крајот се палат и луѓе“, (зборови кои се изгравирани на споменик пред Универзитетот во Гетинген).
Мили деца,
„Вашето семејство, без двоумење, ве донесе тука и ве предаде на државата. Денес Ви започнува животот според редот на часовникот, и така еден ден ќе мора и да заврши…“
„Од моментот кога седнувате овде, Вие припаѓате на одредена класа. Пред вас се класни борби и години на испитувања. Сега сте семе од овошје, ќе треба да се претворите во добро распоредени овошни дрвја!“
„Сте биле живи и будни до денес, од утре започнува вашето конзервирање, исто како што направија и со нас. Од дрво на животот, до фабрика за конзервирање на цивилизацијата – ова е патот напред. Не е ни чудо што Вашата вознемиреност е поголема од вашата љубопитност“.
„Има ли смисла да Ви се зборува и дава совет во еден ваков момент? Би сакал да преминам кон најважниот совет што треба да го имате на ум и да го чувате добро, како стара мудрост на древна спомен-плоча:
„Не дозволувајте да Ви го уништат Вашето детство!” . Погледнете, повеќето луѓе се ослободуваат од своето детство како од стара шапка. Тие го забораваат своето детство како телефонски број кој повеќе не постои. Во училиштето се движите од „долното” кон „средното” до „горното” скалило. И кога конечно завршувате на врвот и се измачувате да одржувате рамнотежа, зад вас ги сечат „вишокот” скалила и вие веќе не можете да се вратите обратно пак „долу“. А нели треба во својот живот човек да може да се качува и симнува на скалите како во куќата?
Но, повеќето луѓе живеат така: стојат на скалилото на врвот – на скалило без темел и си придаваат важност. Тие еднаш беа деца, потоа станаа возрасни, а што се сега? … Не знам дали ме разбирате. Едноставните работи се толку сложени!
„Не помислувајте си дека катедрата на учителот е некаков си престол или место за проповедникот!“
Учителот седи на повисоко место нè за да му се поклонувате, туку за да можете да се гледате еден со друг подобро. Учителот не е пророк ниту дедо Господ. Тој не знае сè и не може да знае сè. И ако се однесува како сезнајко, простете му, но не му верувајте.
Но, ако ви признае дека не знае сè, сакајте го! Со ова тој ќе ја добие Вашата љубов…. И уште нешто: учителот не е волшебник, туку градинар. Тој ќе се грижи за вашиот раст. Но, за да пораснете, ќе треба, Вие самите тоа да го направите!
„Чувствувајте…“! – ова е лесно да се каже но во реалноста е сосема поинаку. А понекогаш е страшно тешко. Во мојот клас имаше еден ученик, чиј татко работеше во продавница за риба. Сиромашното момче, мирисаше така силно на риба што ни мирисаше уште кога ќе го видовме од аголот. Мирисот на риба му беше во коските и облеката, не помагаше никакво перење или четка. Сите бегаа од него како од чума. А не беше виновен за ништо. Така живееше сосема сам. Тој до дното на душата своја се срамуваше, но и тоа не помагаше. И денес четириесет и пет години подоцна, кога ќе го слушнам името на тоа дете, ми се појавува пред очи. Толку е тешко понекогаш кога се навраќам на тоа.
Главата не е единствениот орган на човечкото тело. За човек е потребно и важно да умее да скока, да оди на гимнастика, да танцува и пее, инаку само со својата глава на знаење станува „инвалид“ и ништо повеќе.
„Не им се смејте на будалите!” Тие не се глупави по своја волја или заради ваше задоволство. И не плашете се од некој кој е послаб од вас!
„Од време на време, не верувајте им на учебниците!” Тие не биле создадени на планината Синај. Произлегле од некои стари учебници, кои потекнуваат од други стари учебници, кои потекнуваат од уште постари учебници, кои пак за возврат потекнуваат пак од стари учебници. Некои тоа го нарекуваат традиција. Но, работите изгледаат сосема поинаку.
Не верувајте и на приказни, во кои човекот е претставен секогаш добар и доблесен херој кој е храбар дваесет и четири часа на ден. Не верувајте и не го поучувајте тоа, затоа што подоцна, кога влегувате во животот, ќе се прашувате многу за ова!
И ете Вие сега седите тука, подредени според висина или по азбучен ред и брзате да се вратите дома. Одете, драги деца! И ако не сте разбрале нешто, прашајте ги вашите родители.
А вие, драги родители, ако нешто не ви е јасно, прашајте ги Вашите деца!
„ДА СРЕТНЕШ ВИСТИНСКИ УЧИТЕЛ КОЈ Е РОДЕН ЗА УЧИТЕЛ, ТОА Е КАКО ДА СИ СРЕТНАЛ ХЕРОЈ ИЛИ СВЕТЕЦ“
„Јас сум Германец од Дрезден,
Мојата татковина не ми дава да заминам,
Јас сум како дрво кое расте во Германија,
Веројатно таму и ќе останам…“