Во едно демократско општество образованието е од суштинско значење, и тоа не може да опстане без силна културна основа формирана од образовната пракса која обезбедува услови во кои граѓаните израснуваат во свесни, критички настроени и добро информирани индивидуи, способни да носат морални судови и се однесуваат на општествено одговорен начин“ (Анри Жиру)

Анри А. Жиру (1943) еден од највлијателните современи педагози, застапник на радикалната педагогија, човек со исклучителна академска кариера, наградуван за неколку книги, зборува и пишува за суштинското значење на образованието во демократското општество. Тој ја открива етичката и политичката страна на педагогијата, зборува за педагогија која е дел од еден незавршен проект чија цел е градење на смислата на животот на секој ученик, креира стратегии за образование на наставникот како интелектуалец кои опфаќаат „деконструкција и реконструкција“ на различни стереотипи и предрасуди за наставниците, учениците и процесот на образование.

Жиру ги повикува сите педагози и останати членови на академската заедница да бидат критични, креативни и свесни дека и тие и нивните ученици имаат што да понудат и да се спротивстават на конзервативните политики во областа на образованието кои наметнуваат критериуми според кои добро е само она кое на пазарот добро поминува, на голема штета на она што е иновативно во интелектуална смисла.

За наставниците, образованието не може да се одвои од прашањата на моќта и власта. Наставниците треба да бидат почитувани како јавни личности кои внесуваат критички идеи, традиции, дисциплина и систем на вредности во секојдневниот живот. Истовремено, наставниците мораат да преземат одговорност за влијанието на нивната работа за прашања од поширокото општествено значење, укажувајќи на значењето за оспособување на учениците да го изразат својот став, да ги анализираат општествените прашања и да научат што е демократија, односно да ја прифатат општествената улога на оној кој ја менува заедницата.

Поимот интелектуалец носи бројни и значајни политички, културни и општествени содржини и импликации. Анри Жиру верува дека најважната должност кои интелектуалците ја имаат спрема знаењето се состои во сфаќањето дека неговиот однос кон моќта не е комплементарен туку опозициски. На интелектуалците е одговорноста за вистината да преовлада во светот, на борбата за неправда, доминација и експлоатација.

На педагозите како јавни интелектуалци им е потребен нов речник за да ги поврзат надежта, граѓанското општество и образованието како услови за суштинската демократија. На луѓето им е непходен дискурс кои ја поврзуваат критиката и надежта, знаењето и страста, педагогијата и правдата.

Како јавни интелектуалци, просветни и други културни работници треба подобро да разбираме заради што некои средства и методи кои сме ги користиле порано денес делуваат чудно и често не делуваат на проблемите. Конкретно, соочени сме со проблемите настанати заради неуспехот на постоечките критички дискурси да го премостат јазот помеѓу она како општеството се претставува себе и како и зошто тоа поединците не можат да го разберат.

Најважното прашање е како педагогијата да стане повеќе политичка во својата работа за да ги афирмира демократските вредности, односи, сите демократски форми и јавни текови на демократијата. Потребно е повторно да се  осмисли „општественото поле“ и да се развие критички јазик во кој поимите јавно добро, работи од општ интерес и јавен живот треба да станат централни поими за надминување на политизираниот концепт на институциите.

Патот во авторитаризам на власта започнува тогаш кога општеството престанува да се преиспитува, а преиспитувањето го нема или затоа што интелектуалците се согласиле да молчат или затоа што тие предизвикуваат молчење. Критичките интелектуалци се должни да се спротивставуваат на тишината која ја предизивикува глобалниот варваризам, политичкиот и економски фундаментализам.