Во една студија „Млади+Возрасни“ од 1985 година, за младите во СР.Германија, се вели: „Не може да се констатира крај на културата на читање кај младите во СР.Германија. Таквото тврдење би го игнорирала развојот на пазарот на печатените медиуми, со кој се потврдува дека од 1970 г., се забележува експанзија во понудата на книги и списанија за деца и млади“.
Споредувањето на тоа како се користело слободното време во 1954 г., и триесет години подоцна, јасно покажува дека во двата случаја, омилените активности на младите во слободното време биле читање книги, а потоа и бавење со спорт. Поседувањето книги кај младите не е опаднато, напротив. Во годините 1978, 38% од младите на возраст од 13 до 17 години поседувале повеќе од 20 касети и/или плочи, а дури 62% имале повеќе од 20 сопствени книги – овие бројки биле споредливи со тие од 1954 г., кога се уште не постоеле толку медиуми.
Ова би наведувало на претпоставката дека тогаш поседувањето и читањето на книги играло многу значајна улога. Но, тоа очигледно не е така. Податоците покажуваат дека со впечатливиот раст на медиумите (зголемување на медиумските понуди) кое одговара на плуралистичното и одмерено користење на медиумите од страна на младите – тие своето време го распределуваат на повеќе различни медиуми.

Ова ја потврдува често изнесуваната и докажана теза дека новите медиуми не ги потиснуваат старите, туку ги дополнуваат зголемувајќи ја веројатноста за користење. Секако, оваа теза важи само за тенденции: киното очигледно доживеа голем удар со појавата на телевизиите.
Деталните анализи покажуваат преќини, поместувања и проблемски точки и во областа на читањето. Пред се: поседувањето книга и културата на читање се под силни влијанија на две педагошки институции – семејството и училиштето. Културата за читање книги и односот кон училиштето се тесно поврзани. Децата и младите на возраст од 6 до 17 години кои почесто читаат книги повеќе сакаат да одат на училиште од оние кои ретко читаат. Сличен е односот и со заинтересираноста за наставата по учењето на јазиците.
Училиштето е главниот посредник на писмената култура. Подолгото престојување и учење во училиштето е факторот кој најмногу влијае читањето да биде се уште многу важно (дури и ако се занемарат учебниците). Но колку се одржува интересот за читање потоа, постојат многу различни анализи и размислувања. Читањето во училиштето, не ги дефинира идните читачки навики на возрасниот поединец. Многу луѓе, по завршување на училиштето, читаат се помалку или читаат поинакви книги (на пример, стручна литература поврзана со професијата).
Во воведот на двотомното истражување на фондацијата Bertelsmann, „Читачка социјализација“ (1993), се вели: „Читањето не го сметаат само книжевните критичари за клучно во медиумската култура, туку и образовната политика, педагозите и медиумските експерти, свесни се за неговото значење и загрижени се заради тоа што порастот на образованието во 1980 не доведува до пораст на бројот на читатели. Групата на редовни читатели ниту денес не преминува четвртина од населението, додека 50% Германци читаат само повремено, а четвртина не зема книга во раце.
Репрезентативната анализа за тоа како се користат медиумите покажуваат дека граѓаните како од истокот така и до западот на Германија го намалуваат времето кое го одвојуваат за читање, додека се повеќе го посветуваат на користење електронски медиуми. Културата на читање се повеќе се загрозува. Поради тоа, студијата во три подпроекти ги поставува следните прашања:
- Што е потребно за да се стане читател (култура на читање во семејството),
- Што значи да се биде читател (читање во секојдневието со децата и младите),
- Како да се остане читател (читачки кариери, континуитет и преќини).
Студијата јасно покажува дека културата на медиумската практика во семејството многу важно влијае и на децата. Притоа, не важи повеќе линеарното заклучување дека семејствата кои многу гледаат ТВ малку читаат. Тоа е случај, кај семејства кои располагаат со ограничен „образовен капитал“.
Бидејќи често доаѓа до преќини на читањето, хабитуализација на читањето е важна цел. Тука, како и кај другите медиуми е меродавен родителскиот пример. Училиштето е неизбежно. Лектирите кои тоа ги сугерира се моментот преку кој децата се воведуваат во културата на читање. Според тоа, децата, а подоцна и младите, мораат да растат во клима наклонета на читање, за да не се префрлат целосно на другите медиуми.
Читањето е претпоставка за успешна професионална кариера и успехот во животот (покрај личното збогатување со ширење на духовните и естетските хоризонти).
Студијата заклучува со следните искази за „читателите-повратници“, односно, за луѓето кои некогаш одамна читале, па се повлекле од читање, а сега се повторно придобиени. Тие по својот читачки интензитет и мотивација се слични на луѓето кои континуирано читаат, и често, благодарејќи на соодветните поттикнувања од кругот на познаниците или подарените книги повторно го оживуваат своето интересирање од кои се одрекле под притисок на моменталните услови.
Затоа, потребно е секогаш да се создаваат можности и услови за читање, и за младите и за возрасните, со цел секој поединец да стане постојан читател.
(Diter Bake, Medijska pedagogija, 1997)