Вистината и моќта можат само одредено време да одат по ист пат. Порано или подоцна, тие ќе се разединат. Ако сакате моќ, во одреден момент ќе мора да ширите фикција. Ако сакате да ја знаете вистината за светот, во одреден момент ќе мора да се откажете од моќта. Учените луѓе низ историјата постојано се соочувале со оваа дилема: дали ѝ служат на моќта или на вистината? Дали треба да се стремат да ги обединат луѓето внимавајќи на тоа сите да веруваат во иста приказна, или пак треба на луѓето да им ја кажуваат вистината дури по цена на неединство? Најмоќните институции, го ставале единството над вистината. Затоа биле толку моќни.

Демократијата се темели врз идејата дека гласачот знае најдобро, слободните пазари на капитализмот сметаат дека потрошувачот секогаш има право, а либералното образование ги учи младите да мислат со сопствена глава.

Во последните неколку века либералната мисла полага огромна доверба во рационалниот поединец. Поединците се прикажуваат како независни и рационални актери, а овие митски суштества стануваат основа на модерното општество.

Бихевиоралните економисти и еволуциските психолози истакнуваат дека повеќето одлуки луѓето ги носат врз основа на емоционални реакции и претходни искуства, а не врз рационална анализа. Исто така, тие ни велат дека емоциите и хевристиката можеби биле соодветни за справување со животот во камената доба, но дека тие се крајно несоодветни за силициумската доба.

Не само рационалноста, туку и индивидуалноста е мит.  Луѓето ретко мислат сами за себе. Многу повеќе мислиме во групи.

Засрамувачки е колку малку луѓето како поединци знаат за светот, и како со текот на времето сè помалку знаат. Ние мислиме дека денес знаеме многу повеќе, но во суштина, како поединци, знаеме многу помалку. Се потпираме на знаењето на другите за речиси сите наши потреби.  Во еден илустративен експеримент, од испитаниците се бара да оценат колку добро знаат како работи еден обичен патент. Повеќето луѓе одговараат дека тоа многу добро го знаат, впрочем, тие постојано користат патенти. Најголемиот дел немаат поим.

Тоа е тоа што Стивен Сломан и Филип Фернбах го нарекуваат „илузија на знаењето“. Мислиме дека знаеме многу, иако како поединци знаеме многу малку, затоа што знаењето во умот на другите го третираме како сопствено.

Тоа не мора да е лошо. Потпирањето на групното размислување нè прави господари на светот, а илузијата на знаење ни овозможува да го живееме животот без да вложуваме непотребни напори сè сами да разбереме. Од еволуциска гледна точка, довербата во знаењето на другите е од огромна полза за хомо сапиенсот.

Но исто како и многу други човечки одлики што биле логични во минатото, но ни предизвикуваат проблеми во современата доба, така и илузијата на знаењето има своја негативна страна.

Светот станува сè посложен, а луѓето едноставно не сфаќаат колку ништо не знаат за тоа што се случува. Следствено, луѓе кои речиси ништо не знаат за метеорологијата или биологијата предлагаат политики за климатските промени и генетски модифицираните култури, а други, пак, застапуваат исклучително цврсти ставови за тоа што треба да се прави во Ирак или Украина, а не знаат каде се наоѓаат овие земји на картата.

Луѓето ретко го сфаќаат своето незнаење затоа што се затвораат во кругови на пријатели кои мислат исто, се информираат со вести кои го потврдуваат тоа што тие го мислат, со што нивните ставови само се зацврстуваат и ретко се предизвикуваат.

Малку е веројатно дека достапноста на повеќе и поквалитетни информации ќе ги смени нештата. Научниците се надеваат дека погрешните ставови ќе исчезнат со подобро научно образование, а аналитичарите се надеваат дека ќе можат да влијаат врз јавното мислење за теми како што се планот на Обама за здравствена заштита и глобалното затоплување со презентирање на точни факти и стручни извештаи. Таквите надежи се темелат врз неразбирањето на тоа како луѓето, всушност, мислат. Најголем дел од нашите ставови се формираат со групно размислување, не со индивидуална рационалност, а ние ги застапуваме ваквите ставови поради лојалноста кон групата. Бомбардирањето на луѓето со факти и експонирањето на нивното незнаење може да ни се врати како бумеранг.

Моќта на групното размислување е толку распространето што е тешко човек да се ослободи од него дури и кога гледиштата се прилично произволни.

Дури и научниците не се имуни на влијанието на групното размислување. Научниците кои веруваат дека фактите можат да го променат јавното мислење може и самите да се жртви на групното размислување на научната заедница. Научната заедница верува во ефикасноста на фактите, а луѓето кои ѝ лојални продолжуваат да веруваат дека можат да ги добијат јавните дебати ако се реафрлаат со точни факти, и покрај тоа што многу емпириски докази го покажуваат спротивното.

На сличен начин, и самото либерално верување во индивидуалната рационалнот може да е производ на либералното групно размислување. Во еден момент на кулминација на филмот Животот на Брајан на Монти Пајтон, големата толпа верни следбеници по грешка мисли дека Брајан е Месијата. Брајан им вели: „Не мора да ме следите мене, не мора да следите никого! Мора да мислите со сопствена глава! Сите вие сте индивидуи! Сите сте посебни!“

Со тоа Монти Пајтон сака да ја исмее контракултурата на 60-тите години, но истото може да се каже општо и за верувањето во рационалниот индивидуализам. Во современите демократии има многу толпи кои извикуваат во еден глас „Гласачот најдобро знае! Да, потрошувачот секогаш има право!“

Лажните приказни имаат вградена предност над вистината кога станува збор за обединување на луѓето. Ако сакате да ја одмерите лојалноста на групата, барањето луѓето да веруваат во апсурд е далеку подобар тест отколку да барате од нив да веруваат во вистината. Ако големиот поглавар каже „сонцето изгрева на исток и заоѓа на запад“, не е потребна лојалност кон него за да му се аплаудира. Но ако каже „сонцето изгрева на запад и заоѓа на исток“, само вистинските лојалисти ќе аплаудираат.

21 ЛЕКЦИЈА ЗА 21 ВЕК – Јувал Ноа Харари. Издавачки центар ТРИ, 2020.