„Општеството се одржува благодарение на воспитувањето“ (Џон Дјуи)

Без личности кои творат и создаваат, кои самостојно мислат и судат, не може да се замисли повисок развој на општеството како и развој на личноста. Најважната вештина на еден учител е да ја буди радоста за творење и сознавање“ (Ајнштајн).

Клучната цел на училиштето како општествена институција е да придонесува за развојот на личноста на ученикот. Оваа цел не треба да се поистоветува со совладувањето на наставните содржини и распоредот на наставните предмети, иако и тие посредно помагаат ученикот да ги развие своите потенцијали. Оваа цел е регулирана дури и со законот за основно образование каде што се истакнува одговорноста и обврската на училиштето да ја воспитува и образува личноста во духот на љубовта и негување на  сопствениот национален и културен идентитет, развивање свест за припадност кон државата и општеството, воспитување за културни и цивилизациски вредности,  развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност и  одговорност за своите постапки.

Накратко, општеството нормативно утврдило и на педагогијата и ја дала една од најглавните и најтешките задачи, особено на основното образование, да ВОСПИТУВА.

Според многу автори и учебници „Воспитанието е збир на интенционални (намерни) влијанија кои се вршат на поединецот со цел развој, формирање и самоформирање на неговата личност“. Педагогијата, оние што се бават со воспитанието си поставиле многу висока цел, а целта е всушност да се развива личноста, формирање на сестрана, слободна и хумана личност.  Потесното значење на воспитанието е развивање на позитивни човечки карактеристики, тежиштето е на емоционалното, волевото и карактерното развивање на личноста.

Џон Дјуи  основачот на прагматизмот, токму преку воспитувањето ја гледа реформата на општеството и надминување на неговите спротивности. Во „Етика на демократијата“ (1888): „Демократијата е социјален, што значи, морален концепт, и врз неговото етичко значење се базира неговото политичко значење“. Оттука, многу општества сфатиле дека концептот на демократија неизбежно се повикува на воспитувањето и образованието. Во „Демократија и воспитување“ Дјуи вели – „демократијата и е верна на идејата на воспитувањето, таа е повеќе од форма на владеење, таа е пред сè, форма на заеднички живот, заедничка размена на искуства“…

Едно подвижно општество кое е богато со канали за пренесување на промените што се случуваат насекаде во него, мора да се погрижи неговите членови да добијат воспитување кое ќе ја поттикнува личната иницијатива и пролагодливост. Во спротивност тие ќе бидат совладани од промените што ќе им се случуваат и чиешто значење или поврзаност нема да ги забележат (Дјуи, 1966).

Социјалниот идеал на демократската заедница е многу тесно поврзан со моралниот идеал на воспитувањето. Според Дјуи, најважното прашање на моралното воспитување во училиштето, е односот меѓу знаењето и однесувањето.

Но, кои се доминантните наши особини денес во општеството?

Најпрвин треба да си кажеме дека сме мрзеливи и разгалени, дека немаме работни навики, завидни сме, подложни на корупција, себични и љубоморни, го мразиме секој што постигнал успех или се обидуваме да докажеме дека тоа не е негов вистински успех, не го почитуваме подобриот од нас и се обидуваме по секоја цена да не успее, се понижуваме, ја уништивме надежта на секој чесен и добронамерен човек, немаме чувство за припадност и заедништво, не можеме да се договориме за ништо…

Генерации со вакви особини се доминантниот дел кои го обликувале и создавале нашиот менталитет. Вакви вредности и идеи, чувства и модели на однесување се пренесувани на потомствата. Нашето општество е градено преку вакви воспитни вредности во политиката, економијата, образованието, културата, спортот и тн.

Колку побрзо сфатиме дека ваквите особини нас не кочат толку побрзо ќе почнеме да го менуваме и градиме нашиот вистински менталитет.

Кој се прашува и кому му е грижа  за потребите на младите луѓе од Македонија, за направените лузни и психолошки и социолошки, за запрената иднина на цели генерации,  за тоа како им е на младите од Македонија, принудени да се воспитуваат и образуваат, формираат и развиваат во сенката на една толку страшна, и толку понижувачка реалност на духовна, културна, економска и политичка поделеност и пониженост.

Заедницата стагнира кога нема импулси и енергија од индивидуите. Енергијата умира кај индивидуите кога заедницата не е емпатична и сочувствителна“ (Вилијам Џејмс).