Додека младиот човек се развива и расте, тој учи да ја прифати реалноста, учи да се прилагоди на реалноста, ама за да се прилагоди тој треба да ја засака таа реалност, да се идентификува со таа средина и со позитивните модели. Како младите ќе знаат и ќе сакаат да ја променат перспективата ако секогаш им се нуди само една, т.н. „правилна перспектива“, која не доаѓа и не потекнува од критичката мисла и донесениот став!?

Нашето образование многу малку го поттикнува размислувањето кај учениците и уште помалку ја истакнува важноста од отворено искажување на мислењето и ставот. И тоа со децении е така, не постои критичка мисла, како резултат на долги години лошо образование. Знаењето се прикажува како објективно, а таа објективизација создава кај ученикот претстави дека и нивните животи се еднакво објективно дадени, со што се оневозможува замислување на промени и активна трансформација на сопствените околности и општествената реалност.
Пасивноста создава дисциплинирани ученици кои само седат и се надеваат дека нема да бидат „повикани“, да се соочат со сериозните интелектуални предизвици, кое ќе им овозможи надградба на сопствените мисли и слики за општеството.
Системот е така направен „банкарски“ (Пауло Фреире) така што учениците слушаат и репродуцираат содржини, што најмногу одговара подоцна на оние кои не сакаат општествени промени – колку подобро „потчинетите“ ќе се прилагодат на ситуацијата, толку повеќе со нив може подобро да се манипулира и доминира (Фреире). Токму ваквиот модел според Фреире создава замолчени граѓани, генерации кои повторуваат обрасци, кои бегаат од слободата на мисла, кои активно заговараат „наметнување на сличноста“, отфрлање на новото пред навалата на имитацијата, која повеќе се почитува од имагинацијата. Во такви системи тешко до израз ќе дојдат карактери кои општеството го инспирираат на промена.
Задача на образованието е да ги „поучува децата во каков свет живеат и како да го подобрат“. Образованието служи за критичко согледување на сопствената состојба, за делување, за трансформација, за дијалог, за внесување промени. Само така ќе можат од минатите искуства да создадат нови почетоци, а не да се „извлекуваат“ на фактот дека лошите работи во општеството така ги дочекале, па тука од секогаш било така, па со нив тие немаат врска и тоа не било до нив. Почнување ново не е можно без претходно разбирање на минатото, кое не смее да се пренесува некритички, туку постојано одново да се промислува.
Мислењето не е возможно да се одвои од искуствата и чувствата, ниту пак може директно да се поучува, но затоа треба да се поттикнува, да се поставуваат прашања, критички да се поставуваат во ситуации: можеме ли и треба ли да му веруваме на соговорникот, на медиумите, на врсниците, на авторитетот? Критички можеме да се однесуваме само кон она за кое сме добро информирани. Затоа е важно класичното образование да те научи како да гледаш на аргументите, а не да повторуваш нечии ставови.

Младите луѓе треба да бидат способни да се согледаат во односот на другите, да го разберат своето минато, критички да го анализираат општеството, да ги разберат причините за неговите промени, или да се проникне во кои аспекти, и зошто, тоа не се менува. Треба да се подготват за трансформација на општеството и светот, а не да им се диктира како тоа да го направат, светот им е потребен за многустрана интерпретација, а не да го прикажуваат еднообразно.
Просторот помеѓу минатото и иднината наставниците со својот авторитет го претвораат во простор на слободата и можностите. Образованието е подготовка за живот, и што и да понуди, останува подготовка. Логично е да се понуди она што е најдоброто и најважното, а подоцна ако секој рационално и добро информиран направи свој избор, значи дека добро знаел да го искористи знаењето кое му е дадено.
Промените во општеството ќе дојдат само тогаш кога преку критичко размислување ќе се отфрлат многу пропишани обрасци и воспоставени матрици на однесувања, и кога ќе има поголема емпатија кон другите со цел да престане да се исклучуваат оние кои се различни, кога ќе се учи и вежба аргументацијата, кога ќе се промислуваат разни можности, кога ќе се преземе одговорноста за своите постапки.