Славете ги зборовите на својот јазик, на своите дедовци и родители, на своите писатели, на своите научници, поети…. оти умот и духот не можат да постојат без јазикот. Не одрекнувајте се од своите македонски зборови!

sveti-kiril-i-metodij..Духовни амблеми на културниот универзум. Мисионери на христијанството, основоположници на словенската писменост и литература и заслужни за културниот развој на сите словенски народи. На дело покажале дека просветен човек е оној што е праведен и добар, кој е вистинољубив и човекољубив.

Светци со титулата Еднакви со Апостолите. Нивната слава е чествувана и во календарот на Римокатоличката црква, каде со Енцикликата на папата Јован Павле Втори се прогласени за спиритуални патрони на целата Европа.

Со огромна почит и достоинство, целиот словенски свет го слави нивното дело. Први кои го доближија Словото Божјо на словенските народи на нивниот словенски јазик и го внесоа како рамноправен јазик во богослужбата покрај латинскиот, еврејскиот и грчкиот. Со тоа заслужено се издигнаа на највисокиот светителски рамноапостолски ранг на првоучители просветители.

Светите Кирил и Методиј се примерот дека не сме никнати врз недоверба и незнаење, ниту израснати во место за омраза и неправда кон другиот.  Во нашето сеќавање, во нашата историска свест, никогаш не сме биле скршени од тешкотиите и неправдите, на никого никогаш ништо не сме му одземале ниту ускратиле, и токму затоа, можеме, од височината на изминатите милениуми, столетија и децении, да кажеме: „Нашите предци, нашите дедовци и родители се она Убавото Нешто во нашето постоење!“.

Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?

Сегашнината е мигот во кој иднината и минатото се разбираат и допираат, кога тие се заедно.

Нека е за многу години и вечен празникот!