Во еден мал град, златарот седеше на својот стол и преку излогот на својот скапоцен дуќан ги набљудуваше минувачите. Едно девојче се приближи и го допре својот нос на излогот. Девојчето имаше прекрасни сини очи како бојата на небото и радосно блеснаа кога здогледа еден од изложените предмети. Влезе внатре и одлучно со прстот покажа на еден сјаен ѓердан од син тиркиз.
- Тоа е за мојата сестра. Можете ли да го спакувате ѓерданот како за најубав подарок?
Трговецот со неверување го погледна девојчето и го праша:
- Колку пари имаш?
Таа се подигна на прстите, извади една стара лимена кутија, ја отвори и ја испразни. Тоа беа неколку ситни монети, школки и ситни дрангулии.
- Ќе бидат ли доволно? – запраша гордо. – Би сакала на постарата сестра да и купам подарок. Откако останавме без родителите, таа ги врши сите работи и нема ни малку време за себе. Денес и е роденден. Сигурна сум дека овој подарок силно ќе ја израдува. Нејзините очи се иста боја како тој скапоцен камен.
Трговецот замина во соседната просторија и во златноцрвена хартија и убава кутија го завитка скапоцениот камен.
- Повели и внимателно го носи – му рече трговецот на девојчето.
Девојчето ја зеде кутијата како некој победнички пехар и гордо излезе. Еден час подоцна во дуќанот влезе прекрасна девојка со боја на коса како мед и прекрасни сини очи. Ја стави на масата кутијата која трговецот внимателно ја спакува и го запраша:
- Овој ѓердан е купен од Вашата продавница?
- Да, госпоѓице.
- Колку чини?
- Во мојата продавница цените се работа на доверба, за нив одлучувам само јас и моите купувачи.
- Мојата сестра имаше неколку ситни монети, сигурно не можела да плати ваков вреден ѓердан.
Трговецот ја затвори кутијата, повторно го стави ѓерданот во златната хартија и го врати на девојката:
- Вашата сестра ја плати највисоката цена: даде сè што имаше.