„Возрасните така си го организирале својот живот што децата немаат свое место во општеството“ (Марија Монтесори)
Денешните деца често изгледаат како да пораснале прерано – со погледи што ја носат тежината на светот, со лица што ја одразуваат вознемиреноста на времето во кое живеат. Тоа се деца со „збрчкани лица“ – не од старост, туку од преголема свест, од прерано соочување со грижи, информации, очекувања и стравови кои не се нивни.
Современото општество им го забрза детството, го претвори растењето во натпревар, а играта во обврска. Наместо да живеат со радоста на моментот, многумина живеат со страв од неуспех, со умор на возрасни и со молк во кој исчезнува нивната спонтаност. Зад детската насмевка, често се крие длабока внатрешна напнатост – симбол на генерација која расте во свет што премногу бара, а премалку разбира.
Во секое време, општеството создава свои правила и модели – за работа, за однесување, за „воспитување“. Но, колку во тој систем останува простор за детето – за неговата искреност, спонтаност, љубопитност и наивност?
Во смисла на идентитетот, младоста повеќе не и припаѓа само на младите, тоа е атрибут кои многумина го присвојуваат, и тоа со помош на медиумите. Медиумите влијаат на општеството кога создаваат и шират идеи за поимот на младоста, бидејќи луѓето со помош на тие идеи размислуваат за себе и општеството во кое живеат.
Марија Монтесори со право предупредува дека возрасните си го организирале животот така што децата речиси го изгубиле своето природно место во општеството. Истата мисла, иако од друг агол, ја допира и Волтер во својот славен роман „Кандид“ – дело поради кое „властите беснееле, а читателите лудувале“.
Волтер, големиот просветител, филозоф и сатиричар, преку ликот на Кандид создава огледало на човечката природа – млад, наивен, искрен човек кој со чистота на детето се судира со лицемерието, суровоста и апсурдот на светот на возрасните.
Кандид – вечното дете во човекот
Самото име Кандид (од латински candidus – чист, искрен, невин) ја симболизира душата пред да ја допрат искуството и разочарувањата. Детето живее во секој човек, дури и кога возраста, општеството и стравовите го потиснуваат.
Од таа перспектива, Волтеровиот херој не е само литературен лик, туку архетип на човечката добрина која постојано се обидува да опстане во свет што не ја разбира.
Монтесори – педагогија на љубовта и почитта
Марија Монтесори, голем реформатор и визионер, прва јасно го кажа тоа што многумина го чувствувале, но ретко кој имал храброст да го изговори: „Возрасните го организирале својот живот така што децата немаат свое место во општеството.“
Во нејзината филозофија, детето не е празен сад што треба да се наполни со знаење, туку пламен што треба да се разгорува. Таа верува дека во секое дете постојат два вродени нагони: нагонот за активност и нагонот за спознавање.
Затоа, учителот не треба да „учи“, туку да набљудува, да поддржува и да создава услови за самостојно учење.
„Училишната дисциплина треба да се темели на детската слобода – слобода што произлегува од спонтаните занимања.“
Монтесори ни порачува дека воспитувањето не започнува од методот, туку од човечноста на воспитувачот. Мир, трпение, милосрдие, љубов кон детето – тоа се темелите на вистинскиот педагог. Монтесори-воспитувачот не владее, туку вдахнува. Не контролира, туку набљудува. Не казнува, туку помага да се разбере.
Во светот во кој „возрасните беснеат, а децата молчат“, не е чудно што Волтеровиот Кандид и денес звучи актуелно. И во образованието, како и во животот, останува прашањето:
Дали во нашето општество уште има место за детето – чистото, љубопитното, искреното дете што единствено само сака да расте?
