Оваа петиција ја покренува граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“, составена од загрижени родители, наставници, стручни лица и граѓани кои бараат системска заштита на малолетниците во дигиталната средина.

Зошто оваа петиција?

Децата во Македонија растат во дигитална средина во која социјалните мрежи се дел од секојдневието – учење, дружење, самоизразување. Но овие платформи не се дизајнирани првенствено за заштита на малолетници, туку за максимизирање на внимание, ангажман и време поминато пред екран.

Дел од алгоритмите активно поттикнуваат континуирано користење и промовираат сензационалистичка и вирусна содржина. Кај возрасните тоа може да создаде зависност и навики; кај децата и адолесцентите, кои сè уште се во развој, последиците можат да бидат посериозни.

Во нашето општество веќе сведочиме на:

●       нарушено ментално здравје

●       онлајн врсничко насилство

●       опасни „предизвици“

●       изложеност на несоодветни содржини

●       нарушена самодоверба и концентрација

Ова не е прашање на забрана на технологија. Ова е прашање на поставување јасни правила за заштита на малолетници.

Зошто ни е потребна регулација?

Во моментов, во нашата држава нема доволно јасни и ефективни механизми за:

●       верификација на возраст

●       ограничување на алгоритамско таргетирање кон деца

●       засилена заштита на личните податоци на малолетници

●       брзо отстранување на штетни содржини

Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. И нашата држава треба да преземе одговорност и да обезбеди системска заштита на своите најмлади граѓани.

Што бараме?

●       Забрана за употреба на социјални мрежи за деца под 12 години.

●       Регулација на пристапот за деца од 13 до 16 години со задолжителна родителска согласност и ефективна верификација на возраст.

●       Обврска за платформите да воведат механизми за заштита на детските податоци и ограничување на алгоритамско таргетирање и препорачување штетна содржина.

●       Јасно дефинирани санкции и надзор за непочитување на правилата.

●       Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје.

Што значи вашиот потпис?

Со вашиот потпис барате да се иницира законска и практична рамка што ќе вклучува строги ограничувања или целосна забрана за употреба социјални мрежи од страна на деца под 16 години

Потпишете ја петицијата и споделете ја.

https://www.change.org/p/%D0%B7%D0%B0%D1%88%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%B5%D1%86%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D0%BE-16-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B8-%D0%B7%D0%B0%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0-%D0%B8-%D1%80%D0%B5%D0%B3%D1%83%D0%BB%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D0%BE%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BC%D1%80%D0%B5%D0%B6%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0