Го гледаме секојдневието околу нас и се жалиме, но вистината е комплицирана и има тенденција да биде сурова и болна: системот што го имаме е плод на нашите постапки, навики и стравови. Тој не се менува со желба, со зборови или со очекувања, промената треба да почне тивко и храбро, од нас самите – со одлуката дeка ќе воспитуваме млади и градиме институции кои ќе бидат одговорни, дисциплинирани и со интегритет. Сè останато е само илузија.
Многу одамна е кажано дека постојат две најтешки професии на светот: (1) да водиш држава и (2) да воспитуваш дете. И двете бараат мудрост, знаење, трпение, одговорност и визија. И двете носат последици што не се гледаат веднаш, но се чувствуваат со генерации.
Прашањето не е дали оваа мисла е точна. Прашањето е – колку ние навистина сме ја сфатиле сериозно. Зашто начинот на кој се управува една држава и начинот на кој се воспитуваат децата се огледало едно на друго. Во нив се гледаат нашите вредности, нашето знаење, нашите приоритети, нашата зрелост. А ако сакаме доказ колку сме ја разбрале тежината на тие две улоги, доволно е да погледнеме околу нас. Реалноста е загрижувачка. Имаме убава земја ама не убава држава.

Државата не е апстрактен систем, туку огледало на нашето воспитување и продолжение на вредностите што секојдневно ги всадуваме во децата и младите. Начинот на кој учиме да почитуваме, да преземаме одговорност и да се однесуваме кон другиот подоцна станува култура на институциите, политика и јавен живот. Затоа, воспитувањето не е само приватна и институционална грижа, туку секојдневна градба на општеството.
И токму тука се отвора суштинското прашање: дали сме подготвени одговорноста да ја живееме како служба кон заедницата, кон државата, наместо како позиција на моќ? Дали сме подготвени да разбереме дека демократијата е повеќе од форма на владеење, дека таа е воспитување, форма на заеднички живот и заедничка размена на искуства.
Зошто сме општество на силни индивидуалци а слабо заедништво? Оваа земја создава силни луѓе. Кога ќе дојде криза, знаеме да издржиме, да се снајдеме, да преживееме. Но кога треба да направиме нешто заедно, да изградиме доверба, да се поврземе, да работиме тимски – е тука нешто недостасува. Имаме силни индивидуалци, но слабо заедништво.
Сиромаштијата и долгите години на неизвесност, на војни и поделби, на понижувања и протерувања, создало кај семејствата начини да ги воспитуваат децата да бидат издржливи, тивки, послушни и силни. Главната цел била преживувањето. Пораката што се пренесувала од генерација на генерација била: „Сам мораш да издржиш. Не му верувај на никој“.
Тоа воспитување создало луѓе со цврст карактер, но не и култура на дијалог, доверба и соработка. Емоциите не се анализирале, конфликтите не се разговарале – се трпеле. Силата станала лична особина, а не заедничка вредност.
Кога имате толкава количина на негативни, лоши, деструктивни работи, и тоа толку долго, од ден на ден, тогаш морате да ја развиете и нечувствителноста за да можете да останете нормални. Морате да се прилагодите на долгогодишната ненормална ситуација, а тоа ја менува личноста.
Во еден друг период од 1945 до 1990 се градел систем на колективот. На заедништво. Не смееш да кажеш – баш ми е гајле за другиот. Но, колектив без доверба. Се зборуваше за заедништво, еднаквост, солидарност, но тоа заедништво често беше авторитарно наметнато, а не внатрешно изградено. Во воспитанието и образованието се нагласуваше дисциплина, униформност, усогласеност, заедничка цел, почитување и играње улоги. Се учеше и Марксизам. А, колку го прочитаа и разбраа Маркс!? Но, затоа, имаше комитет кој ќе ти кажеше како да размислуваш за Маркс.
Индивидуалното мислење ретко се охрабруваше. Различноста најчесто не се доживуваше како богатство. Тоа беше општество кое не го подржуваше индивидуалниот успех и беше тешко да се издвојуваш. Имаше и протерување на креативните и способните. Затоа не треба да изненадува денес зошто индивидуализмот се казнува и тоа уште во семејството, средината, работното место, општеството. Не смееш да кажеш дека нешто не чини. „Не оди многу напред, не заостанувај последен, не прави гужва во средината. Но, знајте дека, така не се живее, тоа не е живот“ (Горан Стефановски).
Луѓето научија да бидат дел од колективот, но повеќе формално отколку суштински. Јавно стоиме заедно, а потоа секој лично ја чува својата сигурност, својата дистанца, својот страв. Така се создаде тивка култура на двојност, на лицемерност – на привидна припадност и внатрешна осаменост. Недовербата не остана само меѓу луѓето, таа постепено се вгради и во личноста, во начинот на кој растеме, се поврзуваме и градиме вредности. Тогаш сè повеќе почна да се слуша пораката кон младите „Учи за да не се мачиш во животот“.
Од таа пукнатина се роди општество без вертикала и без јасни морални ориентири – средина во која почитта лесно се заменува со завист, а достоинството со инает. Се избриша границата меѓу подредување и понижување, како што се избриша и разликата меѓу надреденост и вистинска вредност. И кога авторитетот не се темели на карактер и интегритет, туку на тоа некој да те постави на позиција, така започна секој да посакува да биде лидер, без да се говори за одговорноста.
Со транзицијата се распаднаа улогите кои се играа. Институциите ослабнаа, економската сигурност исчезна, а општествените правила се променија преку ноќ. Пораката што се пренесе беше: „Снајди се сам“.
Во образованието почна да доминира лажен натпреварувачки модел. Успехот стана личен, мерен само со оценки, позиции, статус, презиме, партија, корупција. Соработката се сведе на потреба, не на вредност. Децата учеа како да бидат подобри од другите, но не и како да бидат подобри заедно со другите. Така уште повеќе се зајакна индивидуализмот, но без да се изгради култура на доверба и солидарност.
Во социјализмот човекот беше третиран како сакано дете на државата-мајка – не богата, но доволно грижлива да обезбеди бесплатно образование, здравство и покрив над глава. Сигурноста беше загарантирана, дури и кога одговорноста не беше целосно исполнета. Капитализмот, напротив, функционира како систем на условна љубов: вредиш онолку колку што создаваш, заработуваш и придонесуваш – сè додека ги почитуваш правилата. Ако не ги почитуваш, нема заштитна мрежа. Токму таа сурова јасност е дел од неговата продуктивност: стравот од пад создава дисциплина, а трудот станува средство за сигурност.
И така се создаде мислење дека треба да се обидуваме да ги споиме социјалистичките очекувања за трајна грижа со капиталистичките соништа за брзо богатство. Веруваме, го идеализираме и го глумиме западниот филм во петок и сабота, но не и во неговата работна недела. Капитализмот изгледа забавен во петок навечер, но од понеделник бара точност, самодисциплина и одговорност. Ние често ги прифаќаме тие вредности само кога сме принудени, не кога сме убедени. А без внатрешно прифатена работна етика, нема ниту трајна благосостојба – има само илузија дека некој систем ќе ни ја даде без ние да ја создадеме.
Во нашето општество децата растат во средина каде што се сакани без услови, охрабрувани и пофалувани, што создава одредена самодоверба и изразена креативност. Затоа почесто се истакнуваме во уметноста, спортот и хуманистичките науки – области што бараат инспирација и талент. Но истата таа безусловна поддршка понекогаш раѓа и спротивен ефект: недоволна дисциплина, склоност кон удобност и одложување на обврските. Наместо култура на труд, се создава култура на формално исполнување – повеќе привид и глума на работа отколку вистинска продуктивност.
За разлика од тоа, општествата со висок квалитет ја градат својата стабилност врз генерации што биле воспитувани со јасна врска меѓу трудот и признанието. Таму љубовта и прифаќањето често се поврзани со вложениот напор и постигнатиот резултат. Од желбата да се биде прифатен и вреднуван произлегуваат дисциплината, редот и почитта кон структурата. Кога ќе споредиме поединец „од тука“ и „од таму“, може да изгледа дека нашиот има повеќе природен талент или шарм, но на долг рок пресудни стануваат навиките. Успехот не е само прашање на способност, туку на континуитет во трудот – а токму тие работни навики недоволно ги негуваме дома.
И сега до каде стигнавме со ваквиот систем. Ако се обидеш да бидеш иновативен – системот те блокира. Но, ако не си иновативен – ти си „старомоден“. И повторно, вината е на индивидуата, не на системот.
Сакаме ученици (идни граѓани) со критичко мислење, а ги учиме и поучуваме на репродукција и страв од грешка. Креативноста се пропагира во говори, но се казнува во пракса. Не можеш да успееш ако не си креативен, но не смееш да бидеш креативен ако сакаш да го поминеш системот.
За да го менуваш системот, мора да си дел од него – ама ако си дел од него, не можеш да го промениш. Како да водиш промени ако мора да играш по правилата на системот што сакаш да го менуваш?
Промената ја бараме со истите правила што ја создадоа стагнацијата. За да излеземе од кругот, мора да признаеме дека некои правила не се логични – туку само навика.
Еволуцијата на човековата заедница се движи кон целосна социјализација на селф-концептот (чувството за себе, односно внатрешната слика што човекот ја има за самиот себе). Тоа значи дека личните потреби и задоволувањето на тие потреби ќе биде сè повеќе дефинирана од општествените трендови, надвор од внатрешниот круг на личноста.
Една од најсложените задачи во развојот на личноста е да најде рамнотежа помеѓу личните потреби и потребите на другите, да ги изрази своите потенцијали, да ги задоволи своите желби или реализира амбициите, а при тоа да не ги загрози или да не ја антагонизира средината. Тоа не е лесна задача, бидејќи личните потреби природно се во конфликт со одложувањето на нивното задоволување во процесот на прилагодување на социјалните норми.
На една стручна конференција на тема „Семантика и зрелост на личноста“ се заклучило дека силното чувство на заедништво во општеството (манифестирано преку далеку честа употреба на прво лице множина отколку на прво лице еднина) е карактеристично за само-актуелизирани личности со богат внатрешен живот и стабилно самопочитување. „Ние е зрело Јас“.
Што треба да правам? – се прашува човекот за кого реалноста е поле на живот и делување, а Каков треба да бидам? – се прашува човекот за кого реалниот свет, е свет на вредности и обврски. Тоа се прашања за животот.