Во една од клучните сцени од филмот „Свежа крв“ (“The Recruit”, 2003), Ал Пачино држи предавање на новите кандидати за нивната професија (CIA), и им го поставува прашањето:
„Зошто сакате да бидете тука? Зошто ја избравте оваа професија?“. Сигурно не е поради парите. Со годишната заработувачка нема да можете да си купите ни пристоен спортски автомобил. Не е ни поради сексот, бидејќи не смеете да им се фалите на девојките дека сте Џејмс Бонд. Напротив – најчесто ќе мора да лажете дека работите некаква здодевна административна работа, а таквите не предизвикуваат воодушевување.
Ниту пак ќе станете славни. Нашите неуспеси секогаш се познати, а нашите успеси остануваат тајна. Можете да го спасите светот, но никој нема да знае за вас. Ќе ве однесат во некој подрум и ќе ви го покажат медалот што сте го добиле за заслугите. Ќе можете само да го видите – но нема да ви дозволат да го понесете со себе.
„Па зошто тогаш навистина сте тука?“ – продолжува Ал Пачино.
– Затоа што верувате во добро и зло, и сте избрале да бидете на страната на доброто. Затоа што верувате во правилно и погрешно, и избирате правилно. И затоа што тоа ви е поважно и од парите, и од славата, и од задоволствата.

Интегритетот е една од најважните човечки вредности. Доаѓа од латинскиот збор integer, во македонскиот речник значи целокупност, зачувана целост, неприкосновеност, чесност, морална чистота.
Човек со интегритет има усогласеност на мислите, зборовите и делата. Тоа значи дека живее во склад со сопствените вредности и принципи, без маски и дволичност, за тој човек не може да се каже дека едно говори а друго прави. Јавно ги изнесува своите морални уверувања, дури и тогаш кога тие уверувања не се популарни и општо прифатени. Човек со интегритет е оној што останува чесен и доследен и кога никој не го гледа, продолжува доследно да се однесува кон себе.
Прашањето кое стои пред секој од нас во ова општество е „Зошто сакаме да бидеме тука? Зошто ја избравме оваа професија?“. Ќе треба силно и искрено да одговориме пред себе – која е нашата вистинска мотивација? Таквото преиспитување е основа на интегритетот и професионалната посветеност.
Во образованието, ова е прашање на смислата на професијата. Интегритетот е темел – затоа што децата учат повеќе од примерот на наставникот, отколку од зборовите. Наставник со интегритет не само што предава знаење, туку носи и сигурност и доверба.
Наставник кој знае зошто е таму – од љубов, желба за промена, верба во иднината – ќе може да издржи и во најтешките моменти. Она што ги одржува училниците живи не се само учебниците и наставните програми, туку внатрешната мотивација на наставниците.
Затоа вреди секој од нас да си го постави прашањето: „Зошто сум тука?“ – и да го пронајде својот одговор.
Тест во огледало
Кога ќе се погледнете во огледалото како професионалец, дали сте горд на личноста која ја гледате? И кога сите други би ја работеле својата работа онака како што вие ја работите, дали би сакале да живеете во такво општество? Кога сите би се однесувале како вие – дали би сакале да живеете во таков свет?
Што сакате да видите во огледалото?
На една свеченост во Лондон, од германскиот амбасадор било побарано во чест на кралот Едвард VII да донесе проститутки, бидејќи тоа, наводно, сите го правеле. Тој одбил и поднел оставка на својата позиција. Кога го прашале зошто, одговорил: „Кога наутро се бричам, не сакам во огледалото да гледам макро.“
(Ко су добри људи?, Психологија позитивне особе. др Мајда Ријавец, др Дубравка Миљковиħ, 2023)