Во книгата „Слобода и морално општество“, Дан Хејсман се осврнува на една дамнешна средба која и денес одекнува со иста сила.
Далечната 1925 година во Хајделберг, германскиот филозоф Мартин Бубер пред група учители изрекува навидум парадоксална мисла:
„Ја сакам слободата, но не верувам во неа.“
Со ова, Бубер ги предизвикува присутните — а преку нив и сите нас денес — да погледнеме подлабоко од едноставната спротивност меѓу принудата и слободата. Тој мудар филозоф им порачува на учителите дека вистинскиот одговор на принудата не е просто слободата, туку заедничката врска — свесната и искрена желба на поединецот и заедницата да преземат одговорност и да делуваат заедно.
Независноста не е крајна дестинација; таа е само мост. Таа е оној последен чекор пред скокот, моментално штимање на виолината пред да започне симфонијата. Слободата е само темел, а крајната цел е градењето на општеството.
„Слобода од“ наспроти „Слобода за“
Како педагози, нашата најважна задача е да им помогнеме на новите генерации да ја препознаат суштинската разлика меѓу „слободата од“ и „слободата за“:
- „Слободата од“ (од правила, од принуди, од обврски) лесно преоѓа во чиста неодговорност.
- „Слободата за“ е вистинскиот фокус — тоа е слободата вложена во односите, во одржувањето и негувањето на заедницата.
Кога општеството го остава човека целосно препуштен сам на себе, ослободен од какви било очекувања и општествени одговорности, доаѓа до неизбежна деморализација. Крајниот биланс на таквата „независност“ е поразнителен од кога било: целосно отсуство на одговорност кај возрасните и лишување на младите од она што им е најпотребно — вистински животен модел за однесување.